Лазаревски: Франција и Германија се тотално различни екипи, комотно се чувствуваме во играта 7 на 6

Пикерот Милан Лазаревски смета дека следниот противник на Македонија на Европското првенство во Германија во ракомет е тотално поразличен од тој што го имавме за ривал во првото коло, па и подготовката мора да биде сосема поинаква.

„Нема да има преголема разлика во амбиентот во Дизелдорф и тука, сигурно и салава ќе биде исполнета и мислам дека тоа нема да влијае на пристапот и психата. Ги анализиравме и нашиот меч и мечот на Германците со Швајцарија. Ќе се обидеме да се спремиме и да се покажеме во подобро издание отколку на првиот дуел. Тотално различен пристап, начин и стил на игра, нема сличности, треба целосно да се смени планот и идеите кои треба да ги имплементираме. Германците се физички појаки, но не се толку мобилни и тактички потковани, па играат на сурова сила и се потпираат на индивидуален квалитет“, вели Лазаревски, кој на средбата со Триколoрите постигна 4 гола, а другиот пикер, Жарко Пешевски, беше прв стрелец со седум гола.

На Лазаревски како пикер му се допаѓа тактиката „7 на 6“.

„Доста комотно се чувствувавме во играта 7 на 6, игравме гол за гол во тие моменти. Имавме и загубени топки, но генерално кога игравме 7 на 6 и против Грција на контролите добро ни одеше. Ќе видиме в недела селекторот каква тактика ќе смисли“, додава Лазаревски.

- Оглас -

Најнови вести