Лазаревски: Силкеборг е најквалитетен во нашата група, но Металург нема што да загуби

Силкеборг е лидер во групата Ц и е фаворит на гостувањето кај Металург утре, од 17.30 часот, во меч од Лигата на шампионите, но младиот состав на скопјани ќе игра без преголем респект кон Нодезбо, Кнудсен и останатите проверени и познати европски ракометни имиња во данскиот состав.

„Силкеборг е најквалитетната екипа во нашата група, но ние ќе играме без респект и на победа. Имињата на Нодезбо и на Кнудсен доволно говорат со каков квалитет располагаат гостите. Ние сме млада екипа, желна за победи. Во Данска премногу им дозволивме да играат и не надиграа, а верувам дека утре во Скопје ќе биде поинаку“, вели младиот пикер на Металург, Милан Лазаревски.

Првиот меч меѓу овие две екипи покрај убедливиот пораз на Металург од 25:33, го одбележа и исклучувањето на тренерот на гостите Данило Брестовац.

Сега тој ветува дека ќе биде посмирен, а останува и да смисли тактика за подвиг на младиот состав што го предводи од клупата.

„Имаше чудни одлуки на судиите на тој меч, но тоа сега е минато. Добро ги анализиравме и верувам дека можеме да им се спротивставиме. На секој меч ги бодрам овие млади момчиња дека имаат квалитет да се носат со ривалите во нашата група. Знам дека сме зад Силкеборг со квалитетот, тие имаат ракометари од врвен калибар, какви што се Нодезбо и Кнудсен, но верувам дека достојно ќе им се спротивставиме“, изјави Брестовац.

Металург по 8 кола, има само една победа и 7 порази, но не се предава и ќе бара шанса за втор триумф уште утре, против фаворитот Силкеборг, од 17.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести