39.8 C
Skopje
вторник, 22 јули 2025

Лазаров: Алкалоид продолжува со македонскиот концепт, целта е да направиме чекор напред

Екипата на ракометниот клуб Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона, во „Автокоманда“ има осуммина нови играчи кои му се приклучија на тимот, а впечатоците од актуелниот состав и очекувањата за следната сезона ги сподели тренерот Кирил Лазаров за интернет-страницата на клубот.

„Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23-ца играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од преодниот рок, имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши“, вели Лазаров.

Лазаров се осврна и на македонското првенство.

„Македонското првенство е специфично и многу тешко за играње и треба да знаете да го играте. Доста анализирав летово, правев компарации, се покажа дека во едно европско полуфинале ние даваме над 40 гола, а во македонско првенство се игра многу поспоро и не можеме да ја минеме границата од 25 гола. Каде е грешката и каде би требало да се поправиме посебно во македонското првенство. Европа треба да ни е репер, да се прилагодиме кон клубовите во европските купови, да бидеме со нив во чекор ако сакаме да одиме напред и на клупски и на репрезентативен план, не само во сениори, туку во сите категории и кај мажите и кај жените“, изјави човекот кој е и селектор на машкиот сениорски национален тим.

„Оваа сезона во Македонија ќе има четири екстра квалитетни екипи, но јас не би ги потценил и другите учесници во шампионатот. Почит и респект имам за сите. Тоа како клуб нам ни одговара, што е можно посилно првенството, толку поубаво. Самиот притисок и самото ривалство може да ни донесе само да растеме. Се надевам еден ден нема да бидат само четири, туку ќе станат осум силни тима, па ќе се натпреваруваме сите за успеси. Тоа би било одлично за македонските играчи. Форматот е таков што прави секој меч да биде како финале“, додава Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести