Лазаров: Би бил задоволен ако изгинеме на терен, ќе ни треба кохезија со навивачите

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во пресрет на вечерашниот натпревар од Светското првенство за мажи против Холандија во Вараждин од своите играчи ќе бара позитивни мисли и борба и со помош од фановите да се обидеме да направиме уште еден добар резултат.

„Мора со позитивна мисла да одиме напред. Да не бараме леб преку погача, треба да бидеме задоволни од резултатот со Унгарија и да се фокусираме на Холандија и на наредните натпревари. Унгарија е поцврста екипа, но Холандија мислам дека помалку ни одговара според стилот на игра. Имаат ритам 60 минути, брзи се, но со повеќе измени верувам ќе успееме да одговориме. Фокусирани сме, има добра атмосфера, голема самодоверба, навивачите ги очекуваме во уште поголем број и треба да го искористиме тоа и да го дадеме нашиот максимум. Ја прифаќаме улогата на аутсајдер, ќе пробаме да извлечеме добар резултат“, рече Лазаров.

Во првото коло против Унгарија, Македонија испушти победа, но тоа веќе е минато и мислите се насочени само кон Лалињата.

„Се чувстуваше мало незадоволство од пропуштената шанса, но како што одминуваше времето, играчите сфатија дека и победите и поразите се дел од спортот. Очекувањата се големи, се обидувам младите да ги заштитам, да не ги изгорам, но и тие треба да бидат свесни дека мора да бидат на солидно ниво и да придонесуваат, да преземат одговорност. Би бил задоволен ако се бориме, ако направиме кохезија со Фалангата. Да не гледаме во резултатот, туку да изгинеме, верувам дека така би имале шанси, за резултатот ќе видиме. Холанѓаните имаат екстра квалитетни поединци. Секој ден е нов ден, познавајќи го менталитетот, јас сум претпазлив. Штом се игра Светско првенство, треба да се заборави на замор, нема замор особено пред своите бројни навивачи, колку и да сме заморни, ќе најдеме сили“, додаде Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести