Лазаров: Би бил задоволен со каква било победа

Имаме неатрактивен, но опасен противник, најави тренерот Кирил Лазаров на прес-конференцијата пред утрешниот меч (сала Автокоманда, 19 часот) против литванската екипа Драгунас Клаипеда.

Ова е втора европска сезона за Алкалоид, тимот сезонава ја почна одлично, има 7 победи на 7 меча, освоен е трофејот од Суперкупот на Македонија, па Фармацевтите со право се оптимисти пред дуелот со Литванците.

Драгунас има тренер од Шпанија, ги краси колективен дух и играат во силен ритам. Имаат неколку интернационалци од Украина и два-тројца литвански репрезентативци.

„Се наоѓаме пред еден нов предизвик во Европскиот куп. Имаме еден противник кој можеби е неатрактивен, но е доста опасен. Од материјалите кои ги имавме за анализа се гледа дека е тим кој многу напредува. Од минатата сезона и оваа напредувале, според моја проценка за 30-35 отсто. Играат во јак ритам, постигнуваат многу погодоци, многу често постигнуваат 40 и повеќе погодоци. Ние се подготвуваме, нема да го потцениме противникот и со помош на публиката да стигнеме до добар резултат. Имаме поголема самодоверба, но уште не сме искусна екипа, претпазлив сум. Не бегаме од фаворитската улога, а би бил задоволен со каква било победа, најважно е со предност да одиме на реваншот во Литванија“, изјави тренерот Лазаров.

Капитенот Игор Ѓорѓиев смета дека лани стекнале искуство на европската сцена.

„Сега системот е малку поинаков, не е групна фаза, туку се играат два меча дома и на гости. Екипата е подготвена, кога играме дома, очекувам едно супер издание и поддржани од публиката на крајот да победиме“, рече Ѓорѓиев.

 

- Оглас -

Најнови вести