Ракометната репрезентација на Македонија со убедлива победа од 38:24 против Луксембург ги започна квалификациите за ЕП 2024 и на најдобар начин ја започна ерата без Кирил Лазаров како играч.
Лазаров сега има само една функција во националниот тим, тоа е селекторската, а и покрај убедливата победа над аутсајдерот, има забелешки за неговите ракометари поради направените грешки во второто полувреме.
„Многу е тешко да ја држиш мотивирана екипата на позитива од 11 гола на полувреме и затоа мислам дека попуштивме во второто полувреме. Им кажав на играчите да го искористиме вториот дел за тренинг, но направивме многу грешки кои со посилни репрезентации може многу да нè чинат. Ракометот е спорт број еден и македонската публика може да те слави, но може да биде и обратно. Мислам дека на младите играчи многу ќе им значи овој меч. Одиме во Турција за три дена и сметам дека тој меч е најважен во овие квалификации. Тоа е жежок терен и мислам дека ќе биде клучен меч. Чест и задоволство ми е што можам да водам вака перспективна и квалитетна екипа и ќе напредуваме како што минува времето. Се гледа дека фалат натпревари и затоа се надевам дека во иднина ќе напредуваме“, рече Лазаров на прес-конференцијата по мечот.