Кирил Лазаров е оптимист пред настапот на Македонија на ракометниот Мундијал во Полска и Шведска иако сме во тешка група со Норвешка, Холандија и Аргентина, селекции кои се прогласени за фаворити во битката за првите три места што водат понатаму.
Селекторот на нашата репрезентација вели дека полека градиме идентитет поинаков од тој што го имавме претходно.
Сега играме поинаков ракомет, многу побрз, што е модерен тренд во играта која во Македонија е број 1.
„Порано игравме поинаков ракомет, со побавни напади, позициски и тоа ни носеше солидни резултати. Сега градиме поинаков ракометен идентитет со побрза игра, што е модерен тренд. Не знам дали тоа ќе ни носи успех или не, но верувам дека ќе изградиме нов модерен стил на игра.
Модел ни е Норвешка, селекција против која ќе го почнеме шампионатот и веруваме дека во наредните години ќе го достигнеме нивниот стил на игра. Момците заслужуваат да се има верба во нив пред предизвиците во Полска“, вели Лазаров.
Првиот меч ќе го играме на 13 јануари со Норвешка, два дена подоцна ривал ќе ни биде Холандија, а на 17 ќе играме со Аргентина.