4.8 C
Skopje
вторник, 17 февруари 2026

Лазаров: Европско првенство е посилно од Светското, ние ќе го дадеме максимумот на сите натпревари

Македонската ракометна репрезентација денеска започнува со мисијата наречена настап на Европско првенство 2026. Репрезентативците кои се најдоа на списокот на селекторот Кирил Лазаров вечерва во 18 часот ќе го имаат првиот тренинг.

Македонија ќе има голем предизвик на континенталниот собир затоа што е во група со Данска, Португалија и Романија, а само првопласираните две одат во следната фаза од натпреварувањето.

Селекторот Лазаров најавува квалитетни подготовки, фокус на трите меча од групната фаза и најави дека ќе биде „умерен оптимист“.

„Го продолжуваме континуитетот кој трае многу години, а тоа е да бидеме дел од завршница на големо натпреварување, што е многу важно за македонскиот спорт, посебно за ракометот. На Европско првенство учествуваат најдобрите репрезентации од Европа. Можам да кажам дека ЕП дури е поквалитетно од Светското, така што немаме што да се жалиме. Групата е таква каква што е. Не можевме да се надеваме дека ќе добиеме полесна група затоа што бевме во третиот шешир. Прашање беше дали ќе ја добиеме Данска, Франција или Германија. Ние ја добивме Данска, која е светски и олимписки првак. Ја добивме и Португалија од вториот шешир, која е селекција што на последното СП 2025 играше во полуфинале и се бореше за медал. Третиот противник ни е Романија. Спортски е да се надеваме, спортски е да се бориме, да го дадеме најдоброто од нас. Имаме квалитетни подготовки, да можеме добро да се подготвиме. Од најквалитетните ќе ни фали Милан Лазаревски, кој сè уште не е долечен и немаше смисла да биде повикан затоа што нема одиграно скоро ниеден меч во полусезона со неговиот клуб Вардар. Затоа шанса ќе добијат други играчи. Мислам дека имаме доволно време да се подготвиме и да го дадеме најдоброто од нас“, рече Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести