Mакедонската ракометна репрезентација загуби од Фарски Острови со 34:27 на првиот меч од баражот за пласман на Светското првенство кое ќе се игра следната година, а селекторот Кирил Лазаров вели дека ракометарите ја немаат загубено надежта и во реваншот ќе се обидат да ја анулираат негативата од седум погодоци.
„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде што бевме принудени да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш досега. Ќе се бориме и ќе веруваме во позитивен исход во недела“, рече Лазаров анализирајќи го поразот на гостувањето кај Фарски Острови.