Селекторот на машката ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, денеска ги собра ракометарите на кои ќе смета за двата последни натпревари од квалификациите за пласман на ЕП 2024.
Македонија прво на 26-ти април му гостува на Луксембург, а за идната сабота е закажан дуелот од последното квалификациско коло против Турција, кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ и со две победи, Македонија ќе го завери учеството на ЕП што ќе се игра во Германија.
Во репрезентацијата се вратија и играчите кои отсуствуваа за двата меча со Португалија кои ракометарите ги загубија, тоа се Гоце Георгиевски кој против Турција за последен пат ќе го облече репрезентативниот дрес, како и Филип Талески и Жарко Пешевски, но повторно го нема Дејан Манасков.
„ Од тоа што го гледам, бидејќи повеќе од 90 отсто репрезентативците играат во нашата лига, можам да бидам задоволен од нивната моментна форма. Познавајќи ги сите, мислам дека ќе го сфатиме овој меч повеќе од сериозно. Можам да кажам дека сме благи фаворити, иако сме млада репрезентација, ја преземаме таа улога, но многу пати во спортот се покажало дека треба да бидеме претпазливи. Така ќе се поставиме и сега. Тие имаат промена на селектор, секоја нова промена носи нова енергија, сигурен сум дека така ќе биде и кај нив“, изјави Лазаров.