Лазаров и ракометарите едногласни: „Можеме да го освоиме трофејот!“

Алкалоид со предност од четири гола го чека реваншот против АЕК Атина од финалето на Европскиот куп во Скопје. Македонскиот претставник сега е фаворит, а очекувањата од сите во клубот се дека Алкалоид има сили да го освои трофејот.

„Одигравме еден одличен натпревар во Атина. Можам слободно да кажам резултатски и неочекувано. Имаме одличен резултат од плус четири гола разлика. Момците беа на висина на задачата и она што го договоривме го исполнија. Со голема предност влегуваме во реваншот против АЕК. Секогаш сум претпазлив, знаејќи го нашиот менталитет, бидејќи клубот има ростер од 21 ракометар, од кои 19 се Македонци. Тоа е од важност не само за клубот, туку и за нашиот ракомет. Сакам да бидам претпазлив, но чувствувајќи ја атмосферата, мислам дека порелаксирано ќе го дочекаме мечот. Треба да уживаме бидејќи како играч имам играно многу големи финалиња и повеќето ги имам загубено, па тоа искуство ми служи да ја подготвам екипата. Ќе се потрудиме играчите да бидат релаксирани, затоа ќе одиме и во карантин. Не сакам да бидат под притисок за да можат во недела да го дадат максимумот. Го анализиравме натпреварот во Грција, имаше добри работи, но има и работи кои треба да се поправат и мислам дека подготвени сме за мечот против грчкиот противник“, рече Кирил Лазаров.

Слично размислува и кружниот напаѓач, искусниот Никола Маркоски.

„Иако имаат минус четири, мислам дека нема да се откажат. Наше е да ја играме нашата игра како и претходно. Подготвени сме да ги намалиме техничките грешки и со цврста одбрана да дојдеме до нова победа и до историски трофеј за Алкалоид“, изјави Никола Маркоски.

Херојот од првиот меч, Иван Галевски, очекува да дојдат до трофејот со помош на публиката, која во рекордно време ги разграби билетите за мечот во „Борис Трајковски“.

„АЕК е искусна и квалитетна екипа, со етаблирани играчи во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде лесно бидејќи знаеме каков противник имаме. Сепак, мислам дека имаме предност која ја немавме на првиот натпревар, тоа е нашиот осми играч, а тоа е публиката. Ако го спроведеме тоа што ни го кажува тренерот, мислам дека можеме да го кренеме трофејот од Европскиот куп, што не е мала работа за нас како клуб кој постои четири години“, изјави Иван Галевски.

- Оглас -

Најнови вести