Ракометниот вицепрвак Алкалоид утревечер (19 часот) го игра првиот натпревар од нокаут-фазата во ЕХФ Лигата на Европа против Вест Виена.
Тренерот Кире Лазаров вели дека ривалот игра сличен ракомет како и неговиот тим, но се надева на две победи во 1/16-финалето од ова натпреварување.
„Противникот е составен од многу младински репрезентативци на Австрија. Од тоа што го имам видено како материјал, се работи за доста воигран тим. Игра ист или сличен ракомет како нас. Ќе треба да одиграме два добри меча само во 48 часа. Се надевам дека ќе имаме две победи иако неблагодарно е да се коментира исходот пред мечот. Ќе треба да одработиме на теренот“, изјави Кире Лазаров.
Десниот бек Мартин Серафимов вели дека тој и соиграчите се подготвени за новиот европски предизвик.
„Ние како играчи сме подготвени да го прифатиме предизвикот и да ги добиеме двата меча. Очекувам да имаме поддршка и од трибините“, истакна Серафимов.
Првиот натпревар меѓу Алкалоид и Вест Виена се игра утревечер од 19 часот, а и вториот, кој е закажан ден подоцна, исто така ќе се одигра во Скопје.