Македонската ракометна репрезентација денеска го има првиот собир во пресрет на Светското првенство на кое ќе учествуваме следниот месец. Селекторот Кирил Лазаров е задоволен затоа што сите повикани ракометари навремено се јавија на повикот, а единствено двајца интернационални подоцна ќе му се приклучат на тимот.
„Имавме тешка работа да се пласираме на ова Светско првенство. За првпат имавме два баражи, и тоа против тешки противници како што се Романија и Чешка. Успеавме во еден процес на промена на селекцијата, а го продолживме континуитетот што го имаме една деценија, а тоа е настап на големите натпреварувања. Затоа сум многу горд. Ова е ново светско првенство и нов предизвик за нас. Имаме доста подмладена репрезентација, мислам дека имаме талентирана, но малку неискусна за вакви натпреварувања. Имаме доволно време да се подготвиме. Николче Митревски ќе дојде на 23 декември и Филип Кузмановски, кој има обврски со Хановер и ќе се приклучи на 28 декември“, беше првиот коментар на Лазаров.
Македонија за противници во групата на Мундијалот ќе ги има Норвешка, Холандија и Аргентина, а Лазаров вели дека има план како може Македонија да стигне до втората рунда од натпреварувањето.
„Имаме многу тешка група, не треба да се трошат зборови за Норвешка, потоа Холандија, која е во страшен подем, а и Аргентина, која на последното СП ја победи и Хрватска покажувајќи квалитет. Ќе тргнеме скромно. Да останеме здрави до почетокот на СП. Она што од разговорите со ракометарите го видов е дека кај нив има голема желба и мотивираност. Успех е и самиот пласман на СП, но ќе направиме сè и првичната цел е да се пласираме во вториот круг. Нема да биде воопшто лесно, но познавајќи се себеси, ќе пробаме да направиме изненадување како аутсајдери. Имам идеја и стратегија и се надевам дека ќе одработиме добро да го спроведеме во овие 15-20 дена за подготовка“, вели Лазаров.
До почетокот на Светското првенство Македонија планира да одигра и неколку контролни меча со противници како што се Црна Гора, Хрватска и Израел.