Во изјава за „Балкан хендбол“, селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, рече дека досега не доживеал нешто што се случува сега, да не е критикувана репрезентацијата.
„Морам да бидам задоволен со сето она низ кое поминавме во последните две или три години. Успеавме да смениме генерација на добар начин. Сите тие се млади момци. Знам дека очекувањата сега ќе бидат поголеми. Тешко е да се натераат Македонците да не одат по кафани и да не го јадат тоа што го јадеме. Физички заостануваме зад Скандинавците, тешко е да држиме во чекор со нив. За успехот вреди да се жртвувате. Ние сакаме успех, но сакаме и да живееме. Ако го сфатиме тоа, ќе бидеме поблиску, вака сме далеку. Оваа генерација оди во нагорна насока, а сè уште не сум го доживеал ова со поддршката од фановите. Мора да има скриена камера штом нема ниту една критика. Ова е некаква местенка. Се шегувам, секогаш ни треба критика, и во победи и во порази“, изјави Лазаров.
Лазаров во интервју за хрватскиот весник „Спортске новости“, даде свој став и за состојбата во ракометот и зошто на пример Американците не вложуваат во овој спорт.
„Мала земја сме, го сакаме ракометот. Цел свет виде што се случи на средбата со Холандија. Затоа Американците не инвестираат во овој спорт. Не сакаат ни да го имаат. Затоа што има многу сомнежи во некои ситуации. Ова не е ниту прв ниту последен пат. Генерално, ракометот како спорт нема иднина со вакво нешто. Ако можеш да најдеш спонзор, заинтересиран инвеститор, навистина не знам дали би се осмелил да ги вложиш твоите пари во ова, ако некој така те измамил. Сите ние кои работиме во овој спорт треба да бидеме сериозно загрижени за вакво нешто“, вели Лазаров.