Македонската ракометна репрезентација вечерва ќе игра против Франција во последниот меч до групната фаза на Светското првенство. Само теорија постои нашата селекција да игра во четвртфиналето.
Ако имавме повеќе среќа во дуелите со Австрија и со Унгарија кога два пати одигравме нерешено, но и да не беше судиската неправда која ја доживеавме на мечот со Холандија во единствениот досегашен наш пораз на Мундијалот, Македонија сигурно сега многу поинтензивно ќе калкулираше за место меѓу осумте најдобри.
Селекторот Кирил Лазаров во интервју за хрватскиот весник „Спортске новости“, даде свој став и за состојбата во ракометот, а посебно потсети на дуелот што го имавме против Холандија. Според Лазаров, тој меч на Македонија против Лалињата е пример зошто Американците не сакаат да вложуваат во овој спорт.
„Мала земја сме, го сакаме ракометот. Цел свет виде што се случи на средбата со Холандија. Затоа Американците не инвестираат во овој спорт. Не сакаат ни да го имаат. Затоа што има многу сомнежи во некои ситуации. Ова не е ниту прв ниту последен пат. Генерално, ракометот како спорт нема иднина со вакво нешто. Ако можеш да најдеш спонзор, заинтересиран инвеститор, навистина не знам дали би се осмелил да ги вложиш твоите пари во ова, ако некој така те измамил. Сите ние кои работиме во овој спорт треба да бидеме сериозно загрижени за вакво нешто“, рече Лазаров.