Селекторот на машката македонска ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, смета дека треба да се подигне нивото на концентрација како прв предуслов за да бидеме поконкурентни со гиганти како Франција, со која игравме во првото коло, и Германија, со која се среќаваме задутре во Берлин.
„Добредојдени ни се овие два-три дена пауза што ги имаме помеѓу двата натпревари бидејќи ако игравме во два дена против квалитетни селекции како Франција и Германија, ќе беше многу тешко, вака поодморени и подобро спремни влегуваме во дуел. Жалиме што загубивме толку убедливо од Франција, нереална беше разликата, анализите покажаа дека имавме 20 технички грешки, тоа се продадени топки, премногу е, на ова ниво мора да бидеме пофокусирани. Имавме квалитетно прво полувреме, но сериозен тим не смее да си дозволи да прима голови во последните секунди од двете полувремиња, мора концентрација да се држи цело време и да се има верба“, вели Лазаров.
„Мора повеќе контакт, повеќе фаули, да ги сецкаме и да ги забавуваме нападите на противниците. Не велам дека нема да играме 7 на 6 и против Германија, но не сакам да тежнееме кон тоа, би сакал тоа да биде со помал обем, би бил среќен што помалку да ја применуваме таа тактика“, заклучи селекторот.