Непосредно по доаѓањето во Виена, капитенот Кирил Лазаров е полн со оптимизам и најавува успешно Европско првенство за Македонија. Капитенот вели дека имаме шанси за победа на сите три меча во групата и дека противниците се по мерка.
„Мислам дека имавме среќа во ждрепката затоа што добивме добра група. Против сите три ривали сме благи фаворити. Во Словенија одработивме неколку одлични дена на подготовките. Физички сме добро спремни. Оптимист сум, но не сакам да наметнувам притисок кај помладите. Ќе одиме меч по меч. Добро функционираме како екипа, се познаваме, тоа е нашата предност во однос на другите селекции“, рече Лазаров.
Што се однесува до утрешниот дуел против Украина, Лазаров најавува триумф.
„Нема криење. Поквалитетни сме. Имаме поискусна селекција и сме со поголема традиција. Подобри сме и на индивидуален и на тимски план. Посакуваме и ќе дадеме сè од себе да тргнеме победнички против Украина“, додава Лазаров.