„Би можел да кажам дека ова ни е најлесниот, не најтешкиот меч за нас на овој мундијал. Знаеме против кого ќе играме, Франција заедно со Данска се двете најдобри светски репрезентации во последните десетина години. Ние влегуваме во натпреварот свесни дека немаме што да загубиме, вчерашниот ден момците добија тотален одмор бидејќи ако нешто ни биде потребно со Франција, тоа е сила за да се носиме со нив. Ќе се обидеме да му парираме на противникот, секако онолку колку што ќе ни биде дозволено бидејќи Франција е една навистина силна репрезентација, која има 16 подеднакво квалитетни ракометари со што диктира темпо“, вели Лазаров.
Како и на секој меч, така и сега селекторот бара нашите репрезентативци, да не покажат преголем респрект, кој би можел да има контра-ефект. Треба да веруваат во својата игра и системот по кој работат целиот овој период.
„Како селектор ќе барам од нашите момци да не покажат преголем респект, секако дека ние многу го почитуваме денешниот ривал, но треба да научиме како да играме со големи репрезентации, да не ги респектираме премногу, да не ги гледаме како се загреваат, едноставно да се посветиме самите на себе, да веруваме во нашиот систем, во она што го тренираме и го играме и да се обидеме да стигнеме до што подобар резултат“, додаде Лазаров пред дуелот со Франција.