Селекторот на машката македонска ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, верува дека неговиот тим вечерва во Берлин против домашната Германија, ќе одигра подобро отколку на првиот меч во Дизелдорф против Франција, кога загубивме со десет голови разлика.
Лазаров и стручниот штаб имаа време да го анализираат мечот со Франција да видат каде најчесто грешевме, се знае каде се потребни корекции, но тоа треба и да се пренесе на терен.
„Германија е сериозен кандидати за место барем во полуфиналето. Веројатно никој не веруваше дека ќе ја победат Швајцарија со 13 разлика, но уште еднаш се покажа дека голем ентузијазам и борба, може да се победи со голема разлика. Очекувам и против нас една мотивирана Германија, ќе сакаат да се покажат во што подобро издание. Ние треба да ги задржиме добрите работи од дуелот со Франција, и да ги намалиме техничките грешки. Ќе мора многу повеќе да одиме на контакт игра, со повеќе прекини за да ја смириме нивната игра. Свесни сме дека нѐ очекува еден цврст натпревар, но размислуваме позитивно, оптимист сум“, вели Лазаров.
„Имаме три дена пауза, одморивме и ментално и физички, ќе се обидеме да играме добар ракомет и да уживаме на теренот“, додава селекторот, кој верува дека ќе постигнеме повеќе голови отколку против Франција со што би се зголемиле шансите за изненадување.