Кирил Лазаров кој беше наименуван за нов селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија во ракомет, изјави дека ќе се залага сите национални селекции да играат ист стил на ракомет, за младите да немаат голем проблем со прилагодување кога ќе треба да се преселат од јуниорска во сениорска конкуренција.
Лазаров има договор на една година со можност за продолжување за уште четири откако ќе заврши со играњето, ќе биде најмлад селектор во историјата на македонската ракометна репрезентација, во јули треба да добие Мастер Коуч лиценца, по што ќе може да седне на клупата. Тој најавува дека засега останува активен играч.
„Ни недостасуваше ист систем на игра во сите возрасни категории. Ќе се обидам да го направам тоа, за да им биде полесно на помалдите кога би влегле во сениорскиот тим. Верувам дека на следното ЕП, навивачите ќе видат една поинаква Македонија. Ќе играме брз и модерен ракомет во двата правци“ – вели Лазаров на кого прв предизвик му е дуелот со Данска на 11-ти март во Скопје.
Следната недела ќе се објави списокот на кандидати за настап, како и имињата на соработниците на Лазаров во стручниот штаб.
„Со претседателот Мукаетов заклучивме дека е подобро да бидам активен и како играч и во следнава година, како поддршка за помладената селекција. Немам донесено одлука дали кариерата ќе ја продолжам уште една сезона или ќе го завршам играњето ракомет оваа година. Искрено се надевам дека ќе играм уште една година“ – објаснува Лазаров.