Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров веднаш по победата на Хрватска против Франција и пласманот на Коцкестите во финалето на Светското првенство даде свое видување на мечот кој се играше во загрепската „Арена“.
„Честитки од срце. Хрватска заслужено е во финале. Овој меч е доказ дека во спортот не победува секогаш подобриот. Хрватска беше таа која повеќе ја посакуваше победата, беше поборбена, но и квалитетно подготвена за Франција. Многу работи се вклопија и Хрватска заслужено ќе игра во финалето.“, рече Лазаров, во разговор за хрватскиот Тпортал., а потоа го анализираше и самиот меч.
„Едно е сигурно, а тоа е дека Французите не очекуваа ваква Хрватска и тука згрешија. Се базираа на индивидуални квалитети, но ова не го очекуваа. Не очекуваа дека ќе налетаат на еден таков противник. Денеска победи тимот, победи заедништвото. Не знам кој ќе биде ривал во финалето, дали Данска или Португалија, но едно знам, кој и да биде нема да може лесно да помине против една ваква Хрватска“, додаде Лазаров.
Според најдобриот стрелец од Светското првенство во 2009 година, рекорд кој уште не е надминат,
„Секој меч е посебна приказна. Секој противник е поинаков. Не може секој противник исто да игра. Хрватска на секој меч имаше различна тактика, додека Французите постојано се држеа на сигурниот состав. На Французите им беа потребни 25 минути од првото полувреме за да се снајдат, но во тој момент Хрватска веќе водеше со 10 разлика и мечот беше решен. Во второто полувреме се обидоа со агресивна 3-3 зона, но не успеаја да се вратат. Уште еднаш, секоја чест за Хрватска. Сите момци одиграа одлично, но сепак би ги издвоил Мартиновиќ и Кузмановиќ. Одиграа чудесно“, заврши Лазаров во својата анализа за полуфиналето меѓу Хрватска и Франција.
Вечерва се игра вториот полуфинален дуел на Мундијалот меѓу Данска и Португалија.