Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, рече дека цврсто стои на земја по победата која донесе голема радост во тимот и кај навивачите, кои заслужија да им се наполни срцето.
„Сакам да им честитам на момците за желбата, ентузијазмот и борбата во сите 60 минути. Вредна е победата од повеќе причини. Швајцарија е силна селекција, има квалитетни индивидуалци и тие сакаа да победат за Шмид, кому му беше последен меч како играч и наскоро ќе стане селектор. Сакаа да направат подобар резултат, но ние бевме квалитетни. Имавме многу технички грешки на првите два меча, синоќа ги намаливме за двојно и тоа е рецептот за успех, не примавме голови од контри. Имавме и глава и опашка, знаевме што правиме. Играчите се истрошија, задоволен сум, треба да биде задоволна и цела македонска јавност“, вели Лазаров.
Лазаров истакна дека за победа ни требаше и среќа.
„Под импресии бевме по победата, но цврсто стоиме на земја. Како ракометна нација се поистоветуваме со ракометниот тим, правиме трагедии од поразите, јас го разбирам тоа, но добро е чувството кога ќе се победи. По 45-тата минута паднавме енергетски, тешко одеше, но успеавме некако со ротација и спортска среќа да издржиме, сепак заслуживме и малку среќа. Се боревме до крај, имаше сплотеност, жар, борба. Знаевме дека треба ние повеќе да ја посакуваме победата. Не беше лесно да се крене тимот по двата порази, но успеавме“, додава Лазаров.
Селекторот верува дека повеќе ни одговараат квалификации и бараж-дуели отколку турнирски системи како на СП или ЕП.
„Знаеме да одиграме квалификации, овој турнирски систем ни е потешко да го одиграме квалитетно, за такво нешто треба да имаме долг квалитетен состав. Замислете да требаше да играме втора фаза со уште три силни ривали како Данска, Шведска, Холандија, како што ќе игра Словенија. Треба да работиме многу, 95 отсто од репрезентативците ни се од домашната лига. Заостануваме многу, но љубовта кон ракометот прави да сме нереални и да имаме големи очекувања. Јас верувам во чуда и ќе тежнееме кон тоа, но нема да биде лесно“, заклучува Лазаров.