Ракометната машка сениорска репрезентација на Македонија против сите противници на Европското првенство ќе оди на позитивен резултат, а желбата е пласман кој ќе ни донесе борба за место на Олимпискиге игри во Токио. Спојот на млади и искуство треба да му донесе успех на тимот на селекторот Данило Брестовац.
„По синоќешното финале во Букурешт, имав разговори со сите ракометари посебно и им објаснив зошто се или не се во соствот. Секому точно му беше објаснето што е целта и како одиграа на сите четири меча“, рече Брестовац.
Капитенот Кирил Лазаров потврди дека поискусните се приклучуваат на 2 јануари.
„Селекторот имаше шанса да види како играат помлдите. Јас лично од тоа што го видов во мечот со Ромнија, задоволен сум, ми се допаднаа доста работи во играта. Не треба да стравуваме за нашата иднина. Чекор по чекор да ја надградуваме селекцијата. Подготвени сме да го дочекаме мечот со Украина. Влогот е голем, се работи и за квалификации за ОИ. Имаме состав со кој може да веруваме дека ќе бидеме конкурентни против сите противници на ЕП“, вели Лазаров.
Лазаров мисли дека првиот меч против Украина ќе биде најважен.
„Ова се противници кои во минатото повеќе сме ги победувале отколку што сме губеле. По рејтинг и квалитет може да се носиме со тие противници. Ајде да не претерам, но мислам дека сме и благи фаворити против сите, па дури и против домаќинот Австрија, иако сигурно тие ќе имаат голема помош од публиката“, оптимист е Лазаров.
Николче Митревски, кој беше најдобар голман на Трофеј Карпати, рече дека во Србија и Романија тимот одиграл добри четири меча.
„Имаме доволно време да се подготвиме до првиот меч на ЕП со Украина. Во групата нема изразит фаворит, треба да се подготвиме најдобро што можеме физички и психички за да стигнеме до втората фаза на ЕП“, рече Митревски.
Според планот, на 2 јануари тимот заминува за Словенија, утредента „црвено-жолтите“ играат со Словенија, за 5 јануари е закажана контрола со Црна Гора, а заминувањето за Австрија е на 9 јануари.