Македонската ракометна репрезентација ги започнува подготовките за пријателскиот меч против Австрија на гостински терен кој ќе се игра на 21 март. Овој дуел е последна подготовка пред баражот за пласман на Светско првенство. Македонија го чека подобриот од двомечот меѓу Украина и Словачка.
„По квалитетниот настап на ЕП, ќе имаме шанса малку порелаксирано нешто да направиме, она што го имаме како база да го надградиме и да пробаме некои играчи кои во иднина би можеле да придонесат во репрезентацијата. Играме против еден квалитетен и сериозен противник. Резултатски секако дека не сакаме да загубиме, нормално, сакаме да победиме, но нема да биде во прв план резултатот. Ќе видиме некои работи кои би можеле да ги искористиме во баражот во мај и најважно е добро да се подготвиме. Репрезентацијата во секој момент мора да проба некој играч за да видиме дали ќе може да го користиме во иднина на големи натпреварување со силни противници и да видиме каква е моменталната состојба. Во секој случај ќе одиграме еден добар натпревар на гостински терен затоа што првиот бараж ќе ни биде на гости“, изјави Лазаров на денешниот собир.

