Кирил Лазаров останува да биде и селектор, но и играч на македонската ракометна репрезентација барем уште некое време. Иако се најавуваше дека дуелот против Чешка ќе биде за Лазаров, легендата најави дека барем уште неколку меча ќе биде како играч во репрезентативниот дрес.
„Ако се случеше денеска да се збогувам од националниот дрес, тоа ќе беше дополнителен притисок за мене. Ќе имаме време за опростување, сега не е време да се зборува за тоа. Да спаднат малку емоциите, да прославиме, но мислам дека 90 отсто на Мундијалот ќе бидам во тренерка. Мислам дека човек треба да знае кога е време да се опрости. Мислам дека моето искуство и искуството на Филип Миркуловски многу придонесо да бидеме на уште едно Светско првенство. Благодарност до сите навивачи, благодарност до цела Македонија“, рече Лазаров веднаш по мечот.
Што се однесува до бараж-дуелите против Романија и Чешка, по кои се радувавме, Лазаров вели дека Македонија уште еднаш покажа квалитет.
„Демонстиравме квалитет, но како и секогаш, Македонија е позната по драматични завршници. Завршивме голема работа, победивме две моќни селекции како Романија и Чешка кои значат во Европа. Одигравме четири одлични меча и честитки за сите ракометари. Пресреќен сум, ова е голем резултат за Македонија“, анализираше Лазаров.