Фантастичен меч и победа на Македонија против Данска со 33:29 во меч од квалификациите за Европското првенство. За Македонија ова е прва победа во шестиот дуел над ракометниот гигант и тоа во дебито на Кирил Лазаров како селектор на нашата репрезентација.
Со мотивираност, борбеност и всаден победнички менталитет, Македонија од самиот старт покажа дека ќе оди на победа над актуелниот светски првак. Данска поведе само еднаш и тоа на почетокот со 1:0, а потоа следуваа два погодоци на нашите ракометари.
Имавме водство од 7:5, а потоа Данска стигна до 7:7, а потоа следуваа неколку фуриозни минути за Македонија. Со серија од 5:1, стигнавме до највисоки 12:8 во 21 минута, а потоа имавме и 14:10 во 27 минута. Четирите погодоци позитива ги задржавме и до полувремето, а по 30 минути водевме 17:13.
Добрата игра на Македонија продолжи и во второто полувреме, а во 42 минута прв пат поведовме со пет разлика (21:16). Тоа даде дополнителен мотив за нашите, па во 45 минута на семафорот стоеше дека имаме предност од 25:17.
Данска предводена од Микел Хансен се обиде да притисне и намали на 28:24 во 53 минута, но потоа следеа два погодоци за Македонија. На пет минути до крајот Македонија водеше со 30:25, а потоа во 57 минута беше 32:27 и веќе немаше време Данска да се спаси од пораз.
Кирил Лазаров како селектор не можеше да посака подобро деби од тоа со победа над актуелниот светски првак! Со овој триумф Македонија е прва во квалификациската група со максимални шест бода од три меча, додака Данска е втора со четири бода, а Швајцарија има два бода. Без бодови е финска.
Во историската победа над Данска стрелци за Македонија беа: Манасов 5, Талески 5, Кузмановски 5, Лазаров 4, Стоилов 4, Велковски 3, Миркуловски 3, Георгиевски 2, Пешевски 2. Одличен беше и голманот Митревски со 13 одбрани