Вечерва од 18 часот во „Мерцедес Бенз арената“ во Берлин, македонската репрезентација ќе се сретне со Швајцарија во битка за престиж и што подобар пласман, а теоретски Швајцарија може да биде и втора во групата, со нивна убедлива победа во комбинација со висок пораз на Франција од Германија.
Селекторот Кирил Лазаров смета дека ова е нов ден, нов меч и зависи на „која нога ќе станат играчите“.
„Швајцарија завчера против олимпискиот првак Франција го покажа тоа што го зборуваме цело време, дека е квалитетна репрезентација, 60 минути играа добро. Имаа големи амбиции, очекуваа победа над Германија во првото коло. Силен тим се со екстра индивидуалци, за Енди Шмит не треба да се трошат зборви, тука е Зендер, првиот стрелец на Бундеслигата, голманот на европскиот првак Магдебург, Портнер, имаат и други одлични играчи. Нè очекува тешка работа. Но, ако на некој меч имаме каква таква шанса за успех, тоа е секако овој“, смета Лазаров.
Лазаров посакува што помалку грешки кога напаѓаме.
„Им ја препуштаме фаворитската улога. Ако одиграме фокусирано, добро, можеме да се надеваме на нешто. Имаме доста да поправиме, први сме по технички грешки, ќе гледаме да го намалиме нивниот број. На моменти и противникот ве тера да грешите, утре ако грешиме помалку на поставена одбрана, мислам дека имаме шанса за позитивен резултат“, анализира Лазаров.
Селекторот не верува дека Швајцарците може да ја потценат Македонија, како што Хрватите што киксираа против Австрија по неверојатното издание против Шпанија.
„Во ист хотел сме со Швајцарците, им го знаеме менталитетот, тие беа воодушевени од нашата игра со Франција, но секој ден е нов ден, ништо не се знае однапред. Видовте Хрватска победи со 10 гола разлика над Шпанија, па ремизираше со Австрија. Треба да излеземе на терен со чисти глави, да дадеме максимум и да се надеваме дека ќе победиме“, заклучува селекторот.