Како на многу мечеви во минатото, капитенот Кирил Лазаров беше вистински предводник на теренот. Со осум погодоци, но и уште толку асистенции, Лазаров беше најефикасен, во убедливата победа над Јапонија (38:29). Нашиот најдобар ракометар вели дека и на овој меч имало грешки кои треба да се корегираат, за да се стигне до посакуваната цел, а тоа е поминување на групата.
„Сакавме да започнеме со победа и тоа го остваривме. Цели 50 минути се обидувавме да го скршиме отпорот на Јапонија и на крајот победивме. Лично, некои работи не ми се допаднаа. Во моментите кога требаше да направиме поголема предност, имавме неколку неодговорни шутеви. Сите знаеме дека ова е една нова, подмладена селекција и вакви работи ќе се случуваат. Имаме недостаток на квалитет, а тоа можеме да го надополниме само со патриотизмот и со национален набој, како што направивме денеска. Одиме чекор по чекор. Бахреин е следен противник, нема да биде лесно, но ние ќе се обидеме да стигнеме до втората рунда на Мундијалот“, рече капитенот Лазаров.