Селекторот Кирил Лазаров даде свое мислење за поразот од Холандија и не можеше да премолчи некои работи.
Данските судии кои ни судеа против тим од нивна блиска земја со шведски селектор, беа во центарот на вниманието и со одлуките го навлекоа гневот на македонските ракометари и фанови.
„Знаевме дека ќе има тешка борба, но очекував позитивен резултат и да ги искористиме навивачите и самодовербата после мечот со Унгарија, но не секогаш сметката е иста дома и на пазар. Ова не личеше на меч на Светско првенство. Да ви шутнат 12 пенали и да има толку многу исклучувања против вас, тешко е. Околу 20 минути бевме со играч помалку, тешко е да се браните против Холандија и 6 на 6, камоли со човек помалку. Пробавме со разни тактики, но сите тактики и концепции паѓаат во вода кога играте толку многу со човек помалку и со толку седмерци против вас“, рече Лазаров.
„Атанасијевиќ непотребно доби црвен картон, млад е, ова е искуство за него. Холандија е можеби подобар тим од нас, но имаше и други работи кои придонесоа да загубиме. Не треба да се разочаруваме, туку да се свртиме кон Гвинеја и без потценување кон притивникот, да го победиме“, додаде селекторот.