Лазаров: Треба да го заборавиме мечот со Унгарија, и да се фокусираме само на Холандија

Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, смета дека клучно во подготовката за средбата со Холандија во второто коло ќе биде ремито со Унгарија да биде заборавено и целиот фокус да се насочи кон утрешниот меч од 18 часот во Вараждин.

„Можеме да жалиме што не победивме, имавме шанса, но Унгарците се екстра квалитетна репрезентација. Сакам да им честитам на момците на борбената игра. Одбраната беше подвижна, имаше кохезија, транзицијата беше добра, нападите сигурни, ја скративме ротацијата за да извлечеме што подобар резултат, но со тоа доста ги потрошивме главните играчи. Се надевам дека ќе се регенерираме, знаеме каков е ритамот на Светско пренство, нема спиење, трева да направиме стратегија за наредниот меч“, анализираше Лазаров по ремито со Унгарија.

Холандија имаше лесна задача со Гвинеја во првото коло, победи убедливо и посвежа ќе влезе во битка со Црвено-жолтите.

„Ќе ни треба ментална сила. Во подготовките 90 отсто го спремавме овој меч, за Холандија работевме само 10 проценти. Ќе биде потешко. Ќе работиме психолошки со тимот. Кај мене ова нема да остави трага, а се надевам дека нема да остави ни кај играчите. Не треба да тагуваме, туку да го заборавиме мечот со Унгарија и со главите да се насочиме кон петок“, додаде Лазаров на прес-конференцијата.

Лазаров очекува уште поголема поддршка од трибините на следниот меч.

„Очекуваме уште повеќе наши навивачи бидејќи е викенд, мислам дека Фалангата ќе биде во уште поголем број и ќе бидеме силно бодрени. Навивачите ни даваат енергија“, заклучи Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести