Лазаров во репрезентацијата ги враќа Томовски и Ојлески, не и Талевски

Селекторот на машката сениорска ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го скрати списокот на повикани играчи за претстојните натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 година.

Црвено-жолтите ќе ги одиграат клучните натпревари од петтото и шестото коло, против Естонија на гости и против Литванија на домашен терен. Ни требаат две победи за пласман на ЕП, а триумфот над Литванија ќе треба да биде и со над два гола разлика за да бидеме втори во групата доколку претходно Литванците не победат или одиграат нерешено со Словенија.

Лазаров собирот на репрезентативците го закажа за 4 мај, а ќе смета на 21 ракометар, што значи дека отпаднаа 14-мина од претходниот поширок список на којшто имаше 35-мина.

Ги нема повредените Марко Митев, Цветан Кузманоски, Никола Костески, Петар Атанасијевиќ и Игор Ѓорѓиев, го нема ни Филип Талевски, како ни голманот Марко Кизиќ. Голманското трио го сочинуваат Никола Митревски, младиот Иван Галевски и повратникот Мартин Томовски, кој е единствен што настапува за странски клуб, останатите се од домашната лига.

Повратник во националниот тим е и искусното лево крило Гоце Ојлески, кој сезонава игра добро за ГРК Охрид.

- Оглас -

Најнови вести