25.8 C
Skopje
четврток, 4 септември 2025

Лазаров: „Во сабота ќе кренеме европски трофеј, но лошо е чувството по пораз од 10 разлика”

Алкалоид во сабота го игра реванш-мечот против Хановер од квалификациите за Лигата на Европа. Фармацевтите со негатива од 10 гола разлика го очекуваат вториот меч, но ќе го добијат и пехарот за Европскиот куп и неодиграниот натпревар против АЕК.

„Хановер минатата сезона беше лидер по осум месеци во најсилната лига во светот, германската. Сезонава дополнително се засилени. Бев разочаран што загубивме со 10 разлика, заслуживме многу подобар резултат. Во сабота ќе подигнеме пехар, и тоа не каков било пехар, туку европски пехар. Не е убаво чувството на минус 10 гола од првиот меч во Германија да кренеме пехар, но сигурно ќе се радуваме на тој успех. Што се однесува до мечот, против Хановер треба да го оставиме срцето на терен и на достоинствен начин да покажеме квалитет против еден силен и многу квалитетен ривал. Се надевам дека ќе одиграме еден комплетен меч”, рече тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.

Слично размислува и капитенот на Фармацевтите, Игор Ѓорѓиев.

„На првиот меч имавме лош ден, посебно во реализацијата. Промашивме повеќе од 10 чисти ситуации, а кога против себе имате еден таков ривал што знае да казнува, се доаѓа до толку голема негатива. Ги повикувам нашите навивачи да дојдат да ни дадат поддршка на реваншот, но и заедно да се израдуваме на трофејот што го освоивме минатата сезона”, рече капитенот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев.

- Оглас -

Најнови вести