16.8 C
Skopje
недела, 12 октомври 2025

Лазаров за „Балкан хендбол“: Лигата ни е силна, но се игра бавно, така и репрезентацијата стагнира!

Најголемиот македонски ракометар на сите времиња, а актуелен тренер на клубот Алкалоид и селектор на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, во разговор за поткастот на „Балкан хендбол“, рече дека не му се допаднало тоа што во видел на дербито Вардар – Еурофарм Пелистер.

Лазаров смета дека мора да се игра побрзо ако сакаме да држиме чекор со најдобрите.

„Нашата лига е навистина силна и специфична. Многу пати сум изјавил дека, покрај тоа што е силна, е и многу бавна. Сега бев на дербито меѓу Вардар и Пелистер, проблемот е што мечот траеше 2 часа и 40 минути. Нема ритам, 100 прекини, 7-10 ВАР ситуации, подот се брише. Сè е одлично, тоа е машки ракомет, но тоа не е насоката по која нашата лига ќе направи чекор напред. Тоа не е дозволено во Лигата на шампионите, каде се игра многу побрзо, нема пасивни напади што траат минута и пол, две минути. Ќе се бориме, но со тоа темпо не можеме да го држиме чекорот со Европа. Јас сум Македонец, навивам за македонски клубови во Европа, но со олку вложувања, мораме подобро. Поради овој начин на игра, и репрезентацијата стагнира. Луѓето треба да знаат кога почнува и кога завршува натпреварот. Има тензии и на фајналфорот во Келн, каде се игра атомски ракомет, но знаеме колку долго ќе трае натпреварот. Луѓето што купуваат билети знаат дека ако натпреварот е во 19 часот, тие се дома во 20.45 часот, бидејќи имаат други обврски во животот. Македонското дерби може да се случи да започне во 20 часот, а да заврши следниот ден. Ако сакаме да напредуваме, тоа мора да се промени. Имаме предности, но и недостатоци што мора да ги решиме ако сакаме да се приближиме до Европа“, вели Лазаров. 

За претстојното ЕП во 2026 каде Македонија е во група со Данска, Португалија и Романија, Лазаров вели дека немавме среќа во ждрепката, но ќе се потруди да се направи добра тимска хемија како предуслов за позитивни резултати.

„Данска е Данска, Португалија играше во полуфиналето на Светското првенство, Романците не треба да се потценуваат. Речиси го завршивме процесот на подмладување, 80% е завршено. Имаме проблеми со повреди, Лазаревски, Марко Митев, Никола Костевски. На последното ЕП ја постигнавме нашата цел, ја победивме Швајцарија, но не можевме со Французите и Германците. На СП 2025 имавме добро издание, бевме блиски со сите. Неискуството нè чинеше да не бидеме подобро пласирани во конечниот редослед. Ќе се обидеме добро да се подготвиме, да избереме играчи кои ќе се борат и ќе создадат добра атмосфера. Ако се создаде хемија, тогаш тренерот е помалку важен. Инаку, сите планови и стратегии се залудни. Концептот на Европското првенство е многу тежок дури и за многу подобри репрезентации од нашата. Не ми се допаѓа, помалите селекции мора да добијат поголема шанса“ смета Лазаров.

 

- Оглас -

Најнови вести