Селекторот на македонската машка ракометна А репрезентација, Кирил Лазаров, кажа свое видување за двата пријателски натпревари против Романија во Браила. Македонија ги загуби двете контроли, но целта беше дуелите да се искористат како подготовка за баражот за СП во мај против Фарски острови.
„Задоволен сум од желбата ангажманот и односот на овие два натпревари од целиот тим. Ја искористивме максимално ЕХФ неделата да одиграме два пријателски натпревари со Романија на гостински терен која исто така се подготвува за бараж натпреварот против Чешка“, истакнува Лазаров.
„Во недостаток на повеќе од половина стандарден тим, од оправдани причини, шанса дадовме на нови играчи кои се дебитанти или имаат лимитирана улога во националниот тим во нормална ситуација. Вакви натпревари се од голема важност да се види на кого може да се смета во ваков тип на тешки натпревари поготово на гостински терен. Се надевам дека за баражот во мај ќе се комплетираме и ќе одиграме квалитетен бараж бидејќи ќе имаме сериозен противник за пласман на Светското првенство“, вели селекторот.