Македонската ракометна репрезентација загуби со 25.27 во контролен меч одигра во Вараждин како подготовка за почетокот на Светското првенство. Македонија водеше на полувреме со 14:13, а во вториот дел речиси до самиот финиш беше во ситуација да го изненади големиот противник.
По мечот, македонскиот селектор Кирил Лазаров беше задоволен посебно од борбеноста која ја покажаа неговите избраници.
„За мене најважно е дека се изборивме против една силна репрезентација, која има силни индивидуалци и е домаќин на Светското првенство. Им честитав на момците, не се предадовме, се боревме до самиот крај. Игравме пред 5.000 Хрвати кои добро го познаваат ракометот. Оваа борбеност треба да ја задржиме, ова го трениравме. Мора да бидеме борбени до самиот крај. Во Вараждин ќе дојдат голем број на наши навивачи, не смееме да ги предадеме нив. Можеме да загубиме од подобар противник, но не смееме да ги предадеме нив, тие ќе дојдат и ќе одвојат средства“, изјави Лазаров по мечот.
Македонија првиот меч на Мундијалот ќе го игра на 15 јануари против Унгарија, а пота следуваат и мечеви против селекциите на Холандија и Гвинеја.