Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, смета дека проблем за нашите ракометари, па и спортисти генерално, не е техниката, туку слабата физичка подготовка и сила.
Во модерниот спорт, физичката подготвеност е клучен предуслов за успеси, а во Македонија, со чест на исклучоци, немаме такви „атлети“ какви што има, на пример, во редовите на француската селекција.
„Не планирав толку долго да играме 7 на 6, не е тоа моја филозофија, но бев принуден, видов дека не оди со шестмина. Би било лудо да очекувавме да изненадиме, но кога одиш да играш, се надеваш на успех. Мене ми е јасно зошто губиме од вакви противници и не можеме да бидеме рамноправни 60. Треба да го промениме менталитетот и да вложуваме во тој физички план. Таа физичка подготовка ни фали, мора да се работи, тоа ни треба во сите спортови, инаку ќе заостануваме. Технички можеме да парираме, имаме идеја, но гледате кога малку ќе паднеш физички, за неколку минути разликата оди до десет гола“, анализираше Лазаров.