Дебаклот на домашен паркет против Шведска од 70 поени разлика делува страшно и го отвора прашањето дали толку е далеку нашата женска репрезентативна кошарка во однос на европскиот просек, но ако се земат во предвид сите околности, високиот пораз на подмладената селекција донекаде е и реален.
Во квалификациите за Евробаскетот 2019, Македонија е последна во својата група, и во целите квалификации, полоша кош-разлика имаат само Албанките. Но, и понатаму селекторот Марјан Лазовски се прашува што ли ќе беше ако во составот ги имавме оправдано отсутните.
„Започнавме да играме во грч, а додека се сконцентриравме, противникот веќе направи огромна разлика во реализирани поени. Малерот со повредите на искусните играчи од самиот почеток на овие квалификации е тука, се чини дека дефинитивно нема да имаме прилика да ја видиме реалната слика за оваа репрезентација. Мислам дека на концентрацијата влијаеше и резултатот кој го имавме против Шведска на гости“ – истакна селекторот Лазовски.