Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, по победата од 1-0 на гости кај Каљари, рече дека Рафаел Леао кој беше стрелец на голот, подобро функционира како централен напаѓач бидејќи е помалку веројатно да „заспие“ отколку кога игра како лево крило.
Макс не беше задоволен од играта на Милан во првото полувреме.
„Првото полувреме беше лошо и полно со грешки. Кога Леао игра лево, повремено може да заспие и да биде како исклучен од играта. Тој има карактеристики за да игра добро во центарот, но не беше 100 проценти подготвен и не го напаѓаше просторот на вистински начин во текот на првото полувреме. Сепак, постигна шест гола во Серија А оваа сезона, и покрај тоа што пропушти доста натпревари поради повреда“, изјави Алегри.
Милан по дури 12-ти пат сезонава постигна гол од првиот удар во рамки на противничкиот гол, потврдувајќи ја својата убоитост.
„Во првото полувреме дозволивме три удари кон голот во првите неколку минути, па бев загрижен, но како што времето одминуваше, така се подобрувавме. Исто така, многу се лизгавме на теренот, грешевме во додавањата, но во второто полувреме Каљари го изгуби интензитетот и засиливме на брзина. Требаше да постигнеме втор гол“, додаде Алегри.

