Леброн џабе блеска кога не може сè сам, Лејкерси редат порази

Лос Анџелес лејкерс загуби на гостувањето кај Мемфис со 99:104, во меч на кој повторно одличен беше Леброн Џејмс, но неговиот тим повторно загуби. Џејмс мечот го заврши со 37 поени, 13 скока и седум асистенции, но Лејкерс го претрпе шестиот пораз во последните седум меча во НБА.

Во оваа лоша серија на Лејкерс, Леброн има фантастични бројки и на последните шест меча ја надминува бројката од 30 поени и во просек има дабл-дабл учинок, но тоа не е доволно неговиот тим да победува.

Против Мемфис, Лејкерс започна добро и само по неколку минути гостите поведоа со 23:11. Двоцифрената предност тимот од ЛА ја чуваше речиси во текот и на целата втора и трета четвртина, но во решавачките 12 минути почнаа да се „будат“ Гризлите.

Мемфис водеше само на почетокот на мечот со 2:0, а во финишот на мечот со серија од 16:4, негативата од шест разлика (84:90) ја претвори во позитива од шест поени (100:94) и се знаеше дека победата ќе остане за домашниот тим.

Џа Морант беше најефикасен кај Мемфис со 41 поени и 10 скока, а Леброн заврши со 37 поени, 13 скока и седум асистенции. Лејкерс моментно е на осмото место на Западот со 17 победи и 19 порази.

Резултати: Детроит – Њујорк 85:94, Индијана – Шарлот 108:116, Бостон – ЛА клиперс 82:91, Чикаго – Атланта 131:117, Мемфис – ЛА лејкерс 104:99, Феникс – Оклахома 115:97, Портланд – Јута 105:120, Сакраменто – Далас 95:94.

- Оглас -

Најнови вести