Леброн Џејмс го претрпе најтешкиот пораз во кариерата

Леброн Џејмс доживеа да загуби со дури 42 поени разлика во кариерата. Еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА-лигата, по две работи ќе го памети дуелот против Индијана. Првата е дека на овој меч ја надмина границата од 32.000 постигнати поени во кариерата, а втората е тоа дека никогаш досега нема претрпено толку висок пораз. Индијана едноставно го демолираше ЛА лејкерс со 136:94.

Џејмс мечот го заврши со 18 поени, седум скока и девет асистенции, а стана само петиот играч во историјата на НБА-лигата кој успеал да ја надмине границата од 32.000 поени. Сепак, Кралот едноставно не можеше сам да се спротистави на разиграните домашни кошаркари.

По првата четвртина Индијана имаше предност од 36:20, а на полувремето веќе беше 69:46 и се најавуваше катастрофата за гостите. Индијана на овој меч постави и клупски рекорд од 19 погодени тројки. Најголемата предност на домаќините во еден момент изнесуваше и 46 поени.

Џејмс за прв пат губи меч со 42 поени разлика. Досега во кариерата два пати има загубено со по 36 разлика. Првиот пат тоа му се случи против Вашингтон во април 2008 година, а со таа разлика има загубено и од Сан Антонио во меч од НБА-финалето во 2013 година.

Резултати: Шарлот – ЛА клиперс 115:117, Кливленд – Бостон 96:103, Индијана – ЛА лејкерс 136:94, Њујорк – Детроит 92:105, Мемфис – Минесота 108:106, Оклахома – Орландо 132:122, Филаделфија – Торонто 107:119, Портланд – Мајами 108:118.

- Оглас -

Најнови вести