Леброн Џејмс ја шокира НБА-лигата, еден час пред олстар-мечот објави дека нема да игра (Видео)

Леброн Џејмс (40), еден од најголемите кошаркари на сите времиња, ја изненади американската спортска јавност со неочекувана одлука. Иако пристигна во Сан Франциско и беше дел од официјалното претставување на играчите, само еден час пред натпреварот објави дека нема да игра.


Со тоа се прекина неговиот рекорден серијал од 20 последователни настапи на олстар-натпреварите (2005-2024).

„Сè уште чувствувам болка во стапалото и во глуждот. За жал, поради тоа нема да играм. Се надевав дека ќе се чувствувам подобро кога ќе се разбудам, но не беше така. Со 30 преостанати натпревари на ЛА лејкерс во регуларната сезона и нашите амбиции за што подобар пласман на ‘Дивиот Запад’, сметам дека е важно да водам грижа за себе и да сфатам што следува“, изјави Леброн за своето повлекување.

Во првата година од новиот формат, Леброн требаше да биде дел од тимот на Шекил О’Нил, заедно со Стеф Кари, Кевин Дурант и Ентони Дејвис.

„Навистина се радувам на новиот формат, ова е прва ваква година. Имаме одлични играчи, некои од нас дури нè нарекуваат O.G (original gangster), што е супер. Имаме неколку момци со седa коса, така што има смисла! Ќе биде многу интересно“, изјави Леброн Џејмс пред натпреварот.

Претходно олстар-натпреварот беше традиционален дуел меѓу најдобрите играчи од Источната и Западната конференција. Но, од оваа сезона воведен е мини-турнир со четири екипи, кои одиграа три натпревари – две полуфиналиња и финале.

Во полуфиналето, тимот на Чарлс Баркли победи против составот на Кени Смит со 41-32, додека тимот на Шекил О’Нил беше подобар од оној на Кендис Паркер со 42-35.

Во финалето, тимот на Шек славеше против екипата на Баркли со 41-25, освојувајќи го првиот трофеј во новиот формат.

- Оглас -

Најнови вести