По повеќе од 18 години и дури 1297 последователни натпревари во регуларната сезона на НБА-лигата, прекината е неверојатната серија на Леброн Џејмс, во која на секој меч постигнуваше најмалку 10 поени. Најдобриот стрелец во историјата на НБА (42.268 поени) овојпат заврши само со осум поени во драматичната победа на ЛА лејкерс над Торонто репторс со 123-120. Наместо да се обиде да ја продолжи серијата, во последните секунди тој асистираше за победничката тројка на Рои Хачимура.
Џејмс имаше можност самиот да шутне за победа и да го задржи својот неверојатен рекорд, но реши да го направи, како што многупати истакнал во својата 23-годишна кариера, „правилниот и најпаметен потег“. Тој го пронајде сосема слободниот Хачимура во левиот агол.
Тројката на Хачимура влезе во кошот со звукот на сирената, а Џејмс со кренати раце ја прослави победата.
„Брон ми рече непосредно пред ова: ‘Те имам, ќе ти дојде топката’“, откри Хачимура во интервјуто веднаш по мечот.
Иако серијата конечно заврши, очигледно најважна беше победата. Ова беше само деветти пат во кариерата на Леброн Џејмс во регуларната сезона тој да постигне едноцифрен број поени. Последен пат тоа му се случи на 6 јануари далечната 2007 година.
Кога започна неговата неверојатна низа, првиот пик на годинешниот драфт, Купер Флег, имаше само 15 дена, а најстариот син на Леброн, Брони, имаше само две години. Во тоа време луѓето штотуку ја откриваа мрежата „Твитер“ (денешен „Икс“), а САД ги водеше Џорџ В. Буш.
Колку беше моќна таа серија, покажува и следниов податок: најдолгата активна низа на натпревари со двоцифрен број поени сега го има Кевин Дурант, 37-годишниот играч на Хјустон рокитс, со 267 натпревари. За да го стигне Леброн, осмиот најдобар стрелец во историјата на НБА (30.996 поени) би требало да одигра уште 82 натпревари по сезона во наредните речиси 13 сезони и притоа ниеднаш да не постигне помалку од 10 поени.
Најдолги серии со најмалку 10 поени во НБА
Леброн Џејмс – 1297
Мајкл Џордан – 866
Карим Абдул-Џабар – 787
Карл Мелоун – 575
Во отсуство на Лука Дончиќ, кој отпатува во Словенија за раѓањето на своето второ дете, ЛА лејкерс до победата ги водеше Остин Ривс со 44 поени и 10 асистенции. Леброн Џејмс мечот го заврши со 8 поени, 6 скока и 11 асистенции, со шут 4/17 од игра, а последниот негов обид беше упатен една минута пред крајот на натпреварот.

