Лос Анџелес лејкерс славеше против Јута џез со 140-126 во натпреварот од НБА-лигата кој привлече најголемо внимание затоа што за првпат сезонава на терен се појави ветеранот Леброн Џејмс, кој со дрес со број 23 ја почна својата 23-та сезона во најсилната кошаркарска лига на светот, што е нов рекорд.
Џејмс имаше 11 поени и дури 12 асистенции, а дабл-дабл од поени и асистенции имаше и Лука Дончиќ, кој беше најефикасен со 37 поени и 10 додавања.
За истакнување е и новата победа на Детроит пистонс, кој триумфираше со 120-112 против Атланта. Детроит има 11 победи по ред, најдолга нивна ваква низа во последните 18 сезони (во таа сезона последен пат поминаа плејоф-коло и стигнаа до финалето на Истокот).

