Откако стана јасно дека ЛА лејкерс и оваа сезона нема да настапи во разигрувањата и покрај тоа што го ангажираа Леброн Џејмс пред почетокот на шампионатот, Кралот одлучи да земе одмор и да се подготвува за следната сезона. Во разговор со американските медиуми, тој истакна дека ќе се обиде на каков било начин да му помогне на раководството да состави квалитетен тим со кој ќе бидат конкурентни.
Летово на маркетот ќе има голем број врвни слободни играчи, како Кевин Дурант, Кајри Ирвинг, Клеј Томпсон, Кавај Ленард, а еден од нив многу веројатно ќе заврши во Калифорнија.
„Никогаш не играв фантази кошарка, но ќе бидам активен колку што е потребно за оваа франшиза да биде подобра. Дојдов во Лејкерс за да победувам, а очигледно е дека ни недостасува квалитет. Ова е наша шанса да се засилиме, на пазарот има доста квалитетни кошаркари кои можат да ѝ помогнат на оваа франшиза да се врати на вистински пат“, истакна Џејмс.
Во дебитантската сезона во дресот на „езерџиите“, трикратниот НБА-првак одигра 55 натпревари на кои бележеше просек од 27,4 поени, 8,5 скока и 8,3 асистенции по меч. Лејкерс, според учинокот, се 11-ти во Западната конференција со 35 победи и 44 порази.