Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, објави дека нема да учествува на Светското првенство во Кина кое се игра од 31 август до 15 септември годинава. Ѕвездата на ЛА лејкерс на СП играше само во 2006 година, кога освои само бронзен медал, па кариерата ја завршува без злато од Мундобаскет. Сепак, не исклучува да игра на уште еден олимписки турнир.
„Го сакам новиот селектор Грег Попович, но ова лето не е вистинско време за мој настап за националниот тим. Постои можност да играм на Олимписките игри во Токио 2020, зависи како ќе се чувствувам. Ги сакам ОИ“, изјави Џејмс, кој за првпат по 2005 година го пропушта НБА-плејофот.
Џејмс летово ќе го снима вториот дел од култниот филм „Вселенски скок“, кој првпат се појави во 1996 година со Мајкл Џордан како главна улога. Популарниот „Space jam 2“ во кината ќе почне да се прикажува од 16 јули 2021 година.