Напаѓачот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, игра во неверојатна форма на почетокот на оваа сезона, а важна улога во неговите одлични изданија има и процесот на закрепнување по тешките натпревари.
Норвежанецот за закрепнување користи криотерапија, односно примена на студ или мраз во физикалната медицина и рехабилитација. Граѓаните објавија фотографија од неговото закрепнување на температура од -200 степени целзиусови со описот „Ледениот Ерлинг Халанд“.
Халанд веќе е навикнат на ваквите методи бидејќи пред две години инвестираше 60.000 евра за да обезбеди криотерапија во својот дом во Чешир.
Ice cold @ErlingHaaland 🥶 pic.twitter.com/cwA4T5ZF3y
— Manchester City (@ManCity) October 24, 2024
Инаку, влијанието на студот ги стеснува крвните садови, а потоа доаѓа до нивно нагло проширување со силен прилив на крв, што овозможува подобра циркулација во третираната област, со што се намалува воспалението и болката. Овој метод се спроведува со примена на течен азот, достигнувајќи екстремно ниски температури – дури до минус 196 степени целзиусови.
Манчестер сити во третото коло од Лигата на шампионите ја победи Спарта Прага со резултат од 5-0, а Халанд постигна два гола, достигнувајќи 13 гола на 12 натпревари оваа сезона, од кои три во последните три натпревари во Лигата на шампионите.
Следен на менито на Халанд е Саутхемптон во Премиер лигата.