Леганес приреди чудо и успеа да го победи Рајо Валјекано со 2-1 во малото мадридско дерби, иако имаше играч помалку.
Со голот на Братвајт во 36-тата минута, Леганес долго водеше со 1-0 како гостин, но остана со играч помалку по исклучувањето на Ниом во 58-мата минута.
Тоа беше зрак надеж за Димитриевски и неговите соиграчи дека можат да направат пресврт, израмнија на 1-1 со голот на Алваро Гарсија во 84-тата минута, но само 60 секунди подоцна примија гол и доживеаја незгоден пораз во битката за опстанок во Ла Лига.
По 23 кола во Шпанија, сега Рајо Валјекано повторно е на една од трите позиции што водат во понизок ранг, има 23 бода, еден помалку од екипите што се во безбедната зона.
Леганес освои драгоцени три бода и со 26 се искачи на 13-тата позиција на табелата во Ла Лига.