По одигрување на манчестерското дерби, во кое Сити со убедливи 3:0 славеше над Јунајтед, и тоа на „Олд Трафорд“, на удар се најде капитенот на Црвените ѓаволи, Бруно Фернандеш.
Легендарниот капитен на Манчестер јунајтед, Рој Кин, смета дека на Португалецот треба да му се одземе капитенската лента.
„Прва работа која би ја направил по мечот е да му ја одземам капитенската лента. Знам дека тоа е голема одлука, но Бруно Фернандеш не треба да биде капитен. Тој е талентиран фудбалер, но тоа што го гледаме е дека само плаче, кука и постојано ги крева рацете во вис. Тоа не е прифатливо. Коа зборуваме за промените кои мора да се направат во тимот, во управата и на клупата, јас би почнал од капитенот бидејќи тренерот не е способен да му ја одземе лентата. Бруно Фернандеш е одличен фудбалер, но е спротивно од тоа што треба за еден капитен“, изјави Кин.
Легендарниот фудбалер не го штедеше ниту менаџерот Ерик тен Хаг.
„Тен Хаг и понатаму нема поим кој му е најдобриот тим. Од толку проблеми во клубот, не знае каде да се сврти, од каде да започне, а како да заврши. Дефанзивно и физички беа уништени од Сити. Мислам дека сите во Јунајтед нема мирно да спијат по мечот со Сити бидејќи беа уништени“, додава Кин.
По десет кола, Манчестер јунајтед е осми со 15 освоени бода, додека Манчестер сити е на делба на второто место со 24 бода, два помалку од лидерот Тотенхем.