Легенда на Ливерпул тврди: Ја скршив клетвата со урина, титулата доаѓа на „Енфилд“!

Клупската легенда на Ливерпул Брус Гробелар, тврди дека Црвените оваа сезона дефинитивно ќе ја освојат Премиер лигата по три децении пост, бидејќи конечно ја скршил клетвата која го демне актуелниот европски првак. Гробелар денес беше гостин во студиото на „БТ спорт“ во пресрет на дуелот меѓу Ливерпул и Ватфорд, каде ја откри шокантната приказна.

Човекот кој освои шест лигашки титули гигантот од „Енфилд“ меѓу кои и последната во 1990 година, вели дека две години подоцна била фрлена клетва на самиот терен, и тоа од народен лекар од Зимбабве.

„Во мојот последен натпревар за Ливерпул во 1992 година, фабрика за пиво од Зимбабве ми беше спонзор, па за мечот испратија пиво, а заедно со него и народен лекар. Пред мечот се прошета околу головите, го зеде микрофонот и извика: Ако меѓу овие диреци не стои човекот од џунглата Брус Гробелар, нема да освоите титула!“. Потоа се случија сите оние работи како на пример, лизгањето на Џерард во 2014 година. Знаев што требаше да направам, но кога се обидов да влезам на стадион ме спречија. Сепак, пред крајот на минатата сезона имав прилика да присуствувам на неофицијален натпревар, и додека бев во соблекувалната еден од пријателите ме потсети „сега ти е шансата!“ ми рече. Зедов шише и го наполнив со урина, потоа ги испрскав рамките од головите“, тврди Гробелар.

Можеби „интервенцијата“ на поранешниот репрезентативец на Зимбабве делува, можеби избраниците на Јирген Клоп едноставно се премногу силни за противниците оваа сезона. Како и да е, Ливерпул по 17 кола убедливо води во трката за шампионската титула со 49 бода, 10 повеќе од второпласираниот Лестер, односно 17 повеќе од актуелниот првак Манчестер сити, кој има и натпревар помалку.

- Оглас -

Најнови вести