Речиси целиот свој живот Лазар Лечиќ го посвети на кошарката. Легендарниот Лечиќ, кој синоќа почина на 85 години, играчката кариера ја започна како тинејџер во Работнички. Неколку години подоцна реши да се посвети на тренерската работа и тоа одлично го правеше повеќе од половина век.
Работнички, Борац Чачак, Олимпија, Војводина, МЗТ Скопје, Арис и Никол ферт беа клубовите во кои работеше. Многу анегдоти, многу интересни ситуации има поврзано со Лечиќ, но една е посебна и уште долго време ќе се раскажува.
Во сезоната 1975/76 Работнички ја преставуваше тогашна Југославија во Купот на куп победниците. Во јануари 1976 година следуваше двомеч против АСПО Турс од Париз Франција. На полувреме Работнички губеше 15 разлика (53:38), единствениот центар Драган Радосављевиќ имаше четири лични грешки. Лечиќ му наредил на масерот на екипата да му ги избричи мустаќите на Радосављевиќ и потоа да го замени дресот со Никифоровиќ.
Ниту судиите, ниту противничките играчи не забележале дека има замена на дресовите на играчите. Никифоровиќ, кој го носи дресот со бројот 14, влегува во игра, дава два поена, а потоа прави фаул. Судиите покажуваат дека тоа е петта лична грешка за играчот со бројот 14, а Никифоровиќ почнува да се буни велејќи дека му е прва лична.
Тогаш Лечиќ го повлекува Никифоровиќ објаснувајќи им на судиите дека играчот не знае зошто се буни. Потоа во игра влегува играчот со бројот 4, кој всушност го носи Радосављевиќ, но овојпат е без мустаќи и никој не успева да ја забележи замената на играчите.
Радосављевиќ постигнува 16 поени, а АСПО победува точно со 16 разлика (99:83) пред реваншот во Скопје. На вториот меч, Работнички победува со 17 разлика (107:90) и македонскиот тим поминува во следното коло од европското натпреварување.